Тутунската Банка моја… позлатени детски сни !!!
Posted by mecetousko on 5th март 2010
Пишувајќи многу пати за економијата во САД, за нашиот обид да играме економија и за банките и банкарскиот систем, решив да претставам еден пример на нашето македонско банкарско работење.
Една држава ако сака да биде држава покрај јакнење на институционалните капацитети мора да спроведе и здрава реформа во банкарскиот систем, односно прилагодивање на банкарското работење по тертипот на британските, германските или американските банки.
За жал кај нас банкарскиот сектор и систем функционира во некаков ембрионален зародиш, кој никако да прерасне во зигот, туку со тенденција да мумифицира самиот ембрион.
Реформите се еднакви на една голема НУЛА.
Еве еден конкретен пример за македонско банкарско работење.
Едната од најголемите македонски банки, Тутунска Банка, самата се вбројува во топ 3 банки, сопственост на словенечката банкарска корпорација NLB, одмана е присутна на македонскиот банкарско финансиски сектор. Кога требаше да одберам приватен втор пензиски фонд, јас го одбрав пензискиот фонд на оваа банка. Како награда за мојата верност кон нив тие ме наградија со мастер кредитна картичка во износ од смешни 10 000 денари, која досега не сум ја искористил ниту еднаш, користам картичка од друга банка, а оваа ми стои за украс, како во американските филмови кога одам во продавница или хотел да мавтам со 5-6 кредитни картички. Добро на некои им е истечен рокот и се невалидни, ги чувам за украс во новчаник, и ми служат да ја играм ќеркичката кога ја ранам.
Но тоа на страна, после повеќегодишно мирување на картичката решив да ја искористам. Влегов во една продавница да си купам фармерки. И немаше да ги купам да не беше продавачката толку убава и шармантна. Мене секогаш такви работи ми одлучувале во носењето на сите животни одлуки, па дури и за купувањето на фармерки. Ја подавам онака насмејан картичката откако претходно се испофалив со сите други со истечен и неистечен рок, и дамла ме удри. Продавачката ми вели… .”..картичкава Ви е блокирана изгледа…”, свифтот не проаѓа. Еднаш, два пати, три… и не иде … не иде.
Изреволтиран не толку што не си ги купив фармерките, колку што се обрукав пред девојчето, право во првата експозитура на банката. Прашувам зошто ми е блокирана картичката која до сега не сум ја користел, единствено што еднаш купував преку интернет книги со неа. Тоа беше пред некоја година и потрошив педесетина евра кои веднаш си ги уплатив на картичката за да го покријам долгот.
Во банката имаше еден куп луѓе, но на тоа не обрнав внимание, така е секојпат посебно во првите денови од месецот кога се исплатуваат пензиите. Смирено чекав да дојдам на ред и да добијам одговор.
Службеникот ме извести дека картичката во суштина не ми е блокирана, но не може да ја користам зошто трансакционата сметка во нивната банка ми е блокирана. А блокирана е затоа што јас не ја користам нивната транскациона сметка и они не можеле да си подигнуваат месечно по десет денари, трошок за водење на трансакциона сметка. Како јас не ја користам картичката они и не може да ми наплаќаат за водење на трансакциона сметка, но кога сум го извршил плаќањето преку интернет за да ги купам книгите тие два месеца всушност прокнижиле водење на трансакциона сметка во износ од фантастични 20 денари. И нормално бараат да им уплатам 20 денари за да ми ја одблокираат трансакционата сметка а со тоа и кредитната картичка која не ја користам. Крај. Студена пот ме обли. На вакви глупости сум навикнат од државните институции за кои и не можеш многу многу да приговараш зошто сепак се работи за државен, народен интерес, ама ова е нешто друго.
Некое непотистичко службениче кое изиграва банкарско менаџериште на банкарскиот софтверски систем пресметало дека од нивните корисници кои имаат отворено трансакциони сметки во нивната банка, а не ги користат(исто како мене) на ваков начин може да инкасираат во банката пар десетици илјади евра. По мои боси логички пресметки тоа би биле негде помеѓу 50 000 евра и 100 000 евра. И службеничево ја донело одлуката убедено во своите банкарски квалитети. Но тој приход е смешен за таква банка.
Нормално си уплатив дваесет денари и готов бев да си заминам, но вниманието ми го привлече од соседниот шалтер еден возрасен господин кои луто се расправаше со службеникот. Имено човеков, дваесет години работел во Австралија и кога дошол тука депонирал во банката 60 000 евра на штедна неорочена книшка. Секој месец си подигал од неговите пари, пар стотина евра за мирна месечна живеачка. И тој трансакционата сметка освен за подигање на пари не ја користи за ништо друго, нити за прилив нити за плаќање.Голо подигнување пари од штедна книшка. И нему банката немала од каде да му повлече 10 денари за месечно водење на трансакциона сметка и неговиот акумулиран долг од 22 месеци или 220 денари сега банката му го бара за да му дозволи да си подигне од неговите депонирани пари. Човеков ги уплаќа 220 денари и вика дајте ми сега од моите пари. А службеникот му вика мора да дојдете утре, системот автоматски да Ви ја прокнижи уплатата и да Ви ја деблокира сметката. Која баналност…не ми се веруваше. Јас се жалев за мојата шугава картичка, а човеков не може да си дојде до неговите пари, кои и ги поверил на банката, а та со истите нив работи и профитира. Реакцијата на човекот беше каква што би била на секоја Австралијанец. “…Добро ќе си ги подигнам парите утре на шалтер сите во готово и ќе ги уплатам во друга банка…”.
Толку од банкарскиот менаџмент и профит на непотистичките банкарски мамини и татини менаџерчиња кои земаат огромни плати и бонуси. Двајца како човеков и банката отиде во зијан, наместо да профитира.
Да биде ситуацијата уште повеќе парадоксална, имам сметки трансакциони отворени и во други банки, кои некојпат по потреба сум ги користел, а денес не ги користам, но таму не ми се случи ова што ми се случи со словенечката банка NLB Тутунска Банка, банката која на пензионерите корисници на нивните услуги им исплаќа пензии секој први во месецот без разлика дали фондот ги префрлил парите или не. Не им менуваат пар денови разлика од свои пари да исплаќаат пензии. Но очигледно не ги интересира што јас сум нивен корисник на вториот пензиски систем и што секој месец се врши уплата на нивна сметка и корист и најверојатно така ќе биде додека работам или отидам во пензија за едно 35 години. Ним им се битни 20 денари фиктивно акумулиран долг.
А колку само банки има на толку малку народ… тоа е приказна сама за себе, но за тоа во друга прилика.
Туку се сеќава ли некој на онаа песничка од осумдесетите за Стопанска Банка, може да важи и за оваа.
Како одеше…тутунската банка моја, позлатени детски сни….јас желбите си ги бројам…за нови среќни дни….
.
Posted in колумни, пари | 13 Comments »
Американскиот претседател Барак Обама одржал работна средба со извршните директори на националните најголеми американски банки во понеделникот оваа недела и им дал до знаење на секаков можен начин да отпочнат со позајмици на пари на малите претприемачки бизниси во земјата и на граѓаните во вид на потрошувачки кредити.