Дедљардовце – А1 репортажа, тоа што се кажува не се сака да биде видено
Posted by mecetousko on 17th јануари 2010
Многу ми се интересни агро репортажите кои ги организира оној новинар на А1, не му го знам името. Репортажите ми личат на оние емисии од деведесетите кои ги водеше Кили а се викаа пазар шоу. Се е потполно исто само што водителов не оди на пазар туку по селските дворови и авлии. Дури и посмешно е затоа што за разлика од Кили тој се обидува да биде озбилен.
Вчера имаше репортажа од едно село, некои го водат скопско некои кумановско, се вика Дедљардовце. Интернет сторија до истата репортажа имате тука. Е сега заради тоа што го знам селцево и затоа што сум бил, репортажава онака ме заголица, да видам што новитети ќе но донесе новинарот од таа кратка агро сторија.
На мое запрепастување во едно минутното репортажно клипче, слушнав следна изјава од еден селанец. Јас ќе се обидам да ја парафразирам а вие погледнете ја оригинално на линков тука, бидејќи А1 не дава кодови на видео фајловите, за да може да ги постираме на блоговите ќе мора да се линкнете до кај нив.
Земјоделецот, односно фармерот вика вака:
“Имам земја и ја работам, а работам и на земја која ја земам под наем, но сопственикот не ми дава нотарски договор заверен на нотар дека ја земам земјата на заем, па он си ги зема субнвенциите.” Да биде трагедијата уште поголема кон крајот на репортажата изјавува дека е регистриран како земјоделец, за што сигурно плаќа данок, но заради возраста не може да земе банкарски кредити.
Јас сум фрапиран од оваа изјава. Кога вакво нешто би било кажано на јавен медиум во Германија многу веројатно е дека ќе се случат многу нешта, затоа што има неколкукратни повреди на законот и криминално – прекршочни дејанија.
Значи сопственикот на нивата кој ја дава под наем на легално регистриран земјоделец, кој си ги плаќа давачките кон државата, прави прекршок со тоа што законски не го пријавува издавањето под наем на нивата, со тоа приходот кој го добива од истата таа постапка не го пријавува и на истиот не плаќа персонален данок. Земјоделецот пак не може никаде да покаже дека плаќа наемнина за земјата и со тоа да го покаже тоа како трошок.
Но целата работа не завршува тука. Сопственикот на нивата ја мами државата за што треба да сноси одговорност. Изнајмената нива ја пријавува во министерството за земјоделие дека ја насадил со свој насад и за истата таа бара субвенции кои државата ревносно му ги исплаќа.
Со оглед на фактот дека оваа година субвенциите во Македонија за аграрот достигнаа 100 милиони евра, сигурно парите кои се добиваат поединечно не се за занемарување. Вака повторно е оштетена државата, односно измамена. Парите завршуваат кај измамник, кој не плаќа данок, а не кај реалниот и вистинскиот земјоделец кој допринесува за општественото добро.
Па инспектори, даночни, земјоделски еве Ви работа.
Но по се изгледа во земјава само измамниците, преварантите и криминалците работат. Сите други ништо не работат. Како ли утре ќе се субвенционира земјоделието со парите кој ќе ни ги даде ЕУ?
Зачудува и реакцијата на новинарите. Во рака имаат одлична сторија, а они ја оставаат да помине покрај нив не забележана.
Posted in општество, пари | 9 Comments »